27 независни кандидати за градоначалници се пријавиле во ДИК
Собраните потписи ги доставил и актуелниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, кој ќе бара уште еден мандат од граѓаните. СДСМ ги обелодени кандидатите за градоначалници во триесетина општини. За Град Скопје го предлага Петре Шилегов. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ досега ги обелодени имињата на Марјан Бајрактаров за Струмица, Зоран Ѓоргиевски- Куманово, и Славо Чадиев за Велес...

На локалните избори самостојно ќе трчаат 27 кандидати за градоначалници. До синоќа на полноќ до Државната изборна комисија се поднесени и 48 независни листи на кандидати за советници. Најмногу кандидатури се поднесени од Македонски Брод- 12, четири во Петровец и три во Радовиш.
Собраните потписи ги доставил и актуелниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, кој ќе бара уште еден мандат од граѓаните. СДСМ обелодени имиња на кандидатите. Пратениците Петре Шилегов и Стефан Богоев се номинирани за градоначалници на Скопје, односно Карпош. Во партијата сѐ уште тактизираат за Центар. Неизвесно е дали ќе го поддржат Жерновски или пак, ќе излезат со свое решение. Во Штип кандидат е потпретседателот Благој Бочварски, а во Охрид, Јован Стојановски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период ги обелодени имињата на Марјан Бајрактаров за Струмица, Зоран Ѓоргиевски- Куманово, Славо Чадиев за Велес. Претходно актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски најави дека ќе бара уште еден мандат од граѓаните.
Кај интегративците речиси извесно е дека повторна кандидатура ќе поднесат градоначалниците на Тетово и Гостивар, Теута Арифи и Невзат Бејта.
Министерот за здравство Таравари, кадар на Алијансата на албанците ќе биде кандидат во Гостивар, а Зијадин Села во Струга.
Рокот за поднесување на кандидатурите истекува на 14-ти септември на полноќ.
Александра Спировска
