Регионална соработка за подобро справување со безбедносните предизвици

05.09.2017 15:31

„Балканот помеѓу Западот и Истокот и нови безбедносни предизвици“ е темата на тридневната конференција која се одржува во Охрид. Неподелено е мислењето експертите од регионот и Европа дека процесите на глобализација, мирот и стабилноста се неделиви категории кои зависат од добрата соработка помеѓу земјите во регионот, Европа и воопшто во целиот свет.

На мирот и безбедноста во регионот влијаат многу фактори. Покрај оние внатрешните, како што се степенот на демократијата, владеењето на правото и правната држава голем удел има и новата констелација на меѓународните односи. Сепак главни закани по мирот и безбедноста во моментот се бегалската криза, меѓународниот тероризам и сите форми и облици на организиран криминал. Со овие предизвици земјите од регионот можат да се справат единствено со меѓусебна соработка.

„Мислам дека сите сме свесни дека само преку билатерална и мултилатерална соработка можеме да ги надминеме меѓусебните недоразбирања и во истовреме да одговориме на сите предизвици кои што можат да го загрозат мирот и стабилноста како на секоја држава, така и на регионот“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија.

Процесот на редефинирање на геополитичките односи во светот влегува во подинамичен период, а историјата покажа дека ниту еден судир на концепти не минува без турбуленции, сериозни закани и опасности, кои го засегаат и регионот.

„Заедничката соработка, особено во безбедносната сфера е нужност без која практично е невозможно успешно справување на глобалните закани, како што се миграциите и борбата против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија, шверц и т.н“, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Македонија.

Покрај со глобалните регионот се соочува и со автохтони безбедносни ризици.

„Регионот покрај со другите се соочува со сопствените проблеми и ризици што произлегуваат од сиромаштијата, историското наследство и непрагматичниот пристап кон реалните проблеми. Ова е регион во кој луѓето се многу чуствителни и помалку рационални во споредба со останатиот дел на Европа, а тоа често го користат политичарите за своите лични или партиски интереси“, изјави Желимир Кешетовиќ, продекан на Факултетот за безбедност- Белград.

Целта на Меѓународната конференција е академските заедници од регионот да дадат насоки за изнаоѓање на квалитетни решенија за справување со безбедносните предизвици во 21 век.

 

Сашо Нелоски