Претседателот Иванов на економски форум во Полска

05.09.2017 15:09

Иванов се обрати на официјалната сесија на отворањето на Економскиот форум во Крињица–Здруј, на тема „Незавршена интеграција–аспирации на европските земји“. Претседателот нагласи дека Европа мора да ги приклучи земјите кои сѐ уште се во чекалната, за да можеме заедно да настапуваме како континент, а не како Европска унија.

Претседателот Ѓорге Иванов престојува во работна посета на Полска. Иванов се обрати на официјалната сесија на отворањето на Економскиот форум во Крињица–Здруј, на тема „Незавршена интеграција–аспирации на европските земји“.

„Очигледно кога ќе се спомне Балкан, Кавказ и Блискиот Исток, тоа е кошмар за европските политичари. Веројатно, нашиот живот во такви средини ни даде многу поинаков начин на стил на живот, за да ја сфатиме моќта на трпението. Во овој брз свет мора да се има трпение, да се сослуша другиот, да се почитува неговата различност, да биде вклучен, а не исклучен“, рече претседателот Иванов во своето обраќање.

Претседателот нагласи дека Европа мора да ги приклучи земјите кои сѐ уште се во чекалната, за да можеме заедно да настапуваме како континент, а не како Европска унија.

За време на престојот во Полска, е предвидено претседателот Иванов да има билатерална средба со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Економскиот форум, кој годинава се одржува по 27-ми пат, претставува најголема и најреномирана конференција во Централна и Источна Европа со фокус на економијата и политиката. Присуствуваат над 3.000 учесници од повеќе од шеесетина земји од Европа и светот.

Иванов утре ќе има обраќање и на 12-тиот Економски форум на млади лидери.