Комисиска расправа за Законот за јазици

05.09.2017 16:15

ВМРО-ДПМНЕ побара да се повлече европското знаменце поради тоа што предлог- законот нема никаква допирна точка со акт на Унијата, туку е резултат на политички договор. Одговори ДУИ- ова не е битка меѓу два јазика туку помош на Албанците да си остварат правата...

Европското знаменце е смоквин лист на Законот за јазици, за да се прикрие неуставноста во неговото носење и правењето на албанскиот за службен јазик, сметаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на првиот ден од комисиската расправа. Станува збор за политички договор со кој се сака да се оправда неспособноста во работењето на владеачката коалиција, рекоа опозициските пратеници.

Законот за јазици не го прекршува ниту Уставот, ниту унитарноста на државата, а не ги нарушува меѓунационалните односи- рекоа од ДУИ. Џевад Адеми рече дека жали што во Законот наместо терминот- јазик што го употребуваат најмалку 20 проценти од населението, не стои директно албанскиот јазик.

Со Законот за јазици се предвидува употреба на албанскиот во институциите, печатење на двојазични обрасци, водење на судски постапки, но и менување на банкнотите со вметнување на албански обележја.

Не пројде предлогот на опозицијата европското знаме да се одстрани од Законот за јазиците, бидејќи со него не се усогласува ниту еден закон од земјите на ЕУ.

 

Миле Ристески