Иванов: Време е Европа да ги приклучи земјите кои сѐ уште се во чекалницата
„Спомнувањето на Балканот станува кошмар- време е Европа да ги приклучи земјите кои сѐ уште се во чекалницата“- порача претседателот Ѓорге Иванов од конференција во Полска. Рече дека мора да се почитуваат различностите...

Европа да го сфати 21 век и да ги вклучи земјите кои се уште се во чекалната за да можеме заедно да настапуваме како континент, а не како Европска унија, порача шефот на државата Ѓорге Иванов во Полска. Македонија има девет препораки за почеток на преговорите со Унијата, а се уште не доби датум. Една членка ни ги блокира евроинтеграциите и сме единствен пример од кој се бара нешто што не е побарано од ниту еден кандидат- нагласи претседателот.
„Македонија е единствен пример на земја кандидат за ЕУ од која се бара нешто што не е побарано од никој досегашен кандидат. Се ускратува правото на човечко достоинство и правото на самоидентификација. Да го користите името кое самите сте го одбрале и сите ве именуваат. Но, тоа е билатерално прашање и проблемот е што ЕУ дозволува една членка да ја злоупотребува Унијата, да блокира просперитет на нас, а и на целиот регион“, рече претседателот Иванов.
Иако сме мала држава, сепак сме од корист на Унијата, вели Иванов, потсетувајќи дека мигрантскиот бран кон Европа беше запрен во 2015-тата на границата на нашата држава. Прогнозата е дека илегалната миграција од Африка и Азија ќе трае до 2050-та, со безбедностни предизвици за Унијата.
„Очигледно кога ќе се спомне Балкан, Кавказ и Блискиот Исток, тоа е кошмар за европските политичари. Веројатно, нашиот живот во такви средини ни даде многу поинаков начин на стил на живот, за да ја сфатиме моќта на трпението. Во овој брз свет мора да се има трпение, да се сослуша другиот, да се почитува неговата различност, да биде вклучен, а не исклучен“, рече претседателот Иванов во своето обраќање.
Брисел може да научи од малите земји, затоа што ние знаеме да толерираме, а не да асимилираме, рече Иванов на пенел- дискусијата. Ова се однесува и на присутната исламофобија во Унијата, а Македонија како дел од Балканот е на крстопат кон Блискиот Исток.
Наташа Гркова- Петрушевска
