Заев: Условите во „Идризово“ катастрофални, едно од решенијата е закон за амнестија
Условите во затворот „Идризово“ се катастрофални, едно од решенијата е амнестија, порача премиерот Заев при посета на казнено поправниот дом. Според народниот правобранител, проблем со затворскиот систем е управувањето. Од Хелсиншкиот комитет апелираат да се санкционира корупцијата во затворите.

Условите во затворот „Идризово“ се катастрофални. Некои објекти воопшто и не може да се реновираат, недостигаат медицински тимови, лекови, стручна служба. Капацитетот во него е 850 затвореника, а во моментот има 1.850. Ова го изјави премиерот Заев по посетата на „Идризово“. Според него, дополнителен проблем е и неквалитетната храна, а дел од затворениците и сами готвеле. Решението можеби е во Законот за амнестија, за што претходи дебата, но Заев е пред сѐ е убеден дека владата и парламентот се подготвени за брзо решавање на нехуманите услови.
„Денеска имавме прилика да видиме дека не функционира она што значи програми за ресоцијализација и подготовка на затворени и осудени лица, да можат после издржување на казната да се вратат на еден нормален живот, каде ќе придонесуваат за своите семејства. Хуманиот и социјалниот аспект не е запазен. Се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманост и социјалниот аспект на животот на лицата кои се осудени и издржуваат казна“, изјави премиерот Заев.
Проблемот со затворскиот систем не се само условите, туку и начинот на управување тврди омбудсманот. Мемети оцени- има премногу повратници во кривичните дела.
„Тие услови директно го погаѓаат достоинството на човекот и не може да се зборува за тоа дека на достоинствен, хуман начин ја извршуваат казната“, вели народниот правобранител Иџет Мемети.
Од Хелсиншкиот комитет пак повикаа- корупцијата во затворите мора да се казнува.
„Законот за амнестија нема да го реши проблемот, тоа е само еден сегмент. Ќе ја решите пренатрупаноста, но нема да го решите проблемот со корупција. Еднаш за секогаш треба да се реши корупцијата, особено во затворот Идризово“, смета Уранија Пировска од Хелсиншки комитет.
Затворската полиција исто така се пожали за условите за работа. Станува збор за ниски плати, неплатените прекувремени часови, униформата не била обновена 10 години. Немаат соодветни овластувања, но не е решено и пензионирањето.
„Крајно време е да се сфати нашиот проблем и да се отпочне со неговор решавање. Наједноставната работа е да се усогласиме и порамниме со законот на МВР. Мислам дека така ќе се решат овие проблеми што не тиштат нас“, вели Антонио Стојчевски, претседател на Синдикатот на затворска полиција КПД Идризово.
Сепак имало и подобрувања на затворскиот живот. Од кредитот наменет за реновирање , претставник од Министерството за правда информираше дека била изградена пречистителна станица, обновена е и административната зграда, отвореното и полуотвореното одделение биле изградени, како и тренинг- центарот за обука на персоналот.
Наташа Гркова- Петрушевска
