Комисијата за политички систем расправа за Законот за јазици

11.09.2017 14:07

Основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во однос на употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, образложија од Министерството за правда.

Комисија за политички систем ја почна расправата за предлог- законот за употреба на јазиците. Основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во однос на употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, образложија од Министерството за правда.

Пратеникот и координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, оцени дека Предлог-законот е неуставен, односно, како што рече, од предложените 25 члена, барем 20 члена се неуставни. Според Димовски, со поставувањето на европското знаменце на законот парламентарното мнозинство сака да ја скрати дискусијата за законот. Смета дека со закон со просто мнозинство се дерогира закон што се носи со квалификувано мнозинство.

Носите закон којшто во правен систем не може да има приоритет на примена пред Законот за прекршочна постапка, рече Димовски, забележувајќи меѓу другото и дека со дел од законот не се овозможуваат права на малцинската заедница, туку обврски за мнозинството.

Како што образложи Валентина Шаурек, државен советник во Министерството за правда, основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во законскиот текст во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Воедно се регулира и употребата на другите јазици на кои зборуваат граѓаните од заедниците кои се помалку од 20 проценти.