Интерпелација за министерот Димитров
Грешни кадровски решенија во дипломатијата, штетен договор со Бугарија, стратегија за населување на мигранти во земјава. Опозицијата со образложение за интерпелацијата на Димитров. Мојата идеологија е државниот интерес, одговори министерот за надворешни работи...

Грешни кадровски решенија во дипломатијата, штетниот Договор со Бугарија, стратегијата за населување на мигранти во земјава- се дел од забелешките на опозицијата за досегашната работа на министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој промовираше соработка меѓу власта и опозицијата, но потоа без основ го отстрани од амбасадорската позиција Александар Николовски- рече од говорницата Антонио Милошоски, образложувајќи ја интерпелацијата. За Договорот со Бугарија истакна дека е исклучително штетен за земјава, и затоа се криел долго време од јавноста.
„Идеологијата на министерот Никола Димитров е кариеризмот. Видете ја неговата биографија и ќе видите дека кариерата секогаш била првиот приоритет во неговата идеологија, без разлика кој е на власт. Со вакво однесување, ние ја нарушуваме националната позиција на единство во приоритетот за членство во ЕУ и во НАТО“, изјави Милошоски.
Мојата идеологија е државниот интерес- одговори на обвинувањата министерот Никола Димитров. Договорот со Бугарија не е идеален, но идеален договор никаде не постои, рече тој. Смета дека е катастрофална геополитичка состојба ако една земја има несогласување со двајца соседи. Само со транспарентен процес со граѓаните и широк национален консензус може да се реши спорот за името со Грција- истакна Димитров од собраниската говорница.
„Секојдневни и бројни се средбите со нашите пријатели од меѓународната заедница. Нашите партнери даваат безрезервна поддршка препознавајќи го новото лице на Република Македонија во светот. За само три месеци станавме почитуван партнер на кој може да се смета во надминувањето на предизвиците во меѓународните, регионалните и добрососедските односи“, нагласи министерот Димитров.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелации за неколкумина министри од Владата на Зоран Заев. Покрај за Димитров ќе се разговара и за работата на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и за министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Миле Ристески
