Министерката за образование со отчет за сработеното во првите 100 дена
Министерката за образование, Рената Дескоска со отчет за сработеното во првите 100 дена. Укинување на екстерното тестирање, одложување на програмата Кембриџ, отпочната целосна реформа која ги опфаќа сите нивоа...

Укинување на екстерното тестирање, одложување на Кембриџ програмата во срeдните училишта, укинување на дисперзирани студии и воведување нови студиски програми кои претходната Влада ги ставила во мирување, се дел од мерките кои ги презело Mинистерството за образование и наука во изминатите 100 дена, информираше ресорната министерка.
Министерката Дескоска, рече дека е во тек реформа на образовната политика кој ги опфаќа сите нивоа на образование. Истакна дека процесот на ревизија на учебниците во основното и средното образование е отпочнат со креирање на он-лајн прашалник кој е доставен до училиштатата за наставниците да го дадат своето мислење за квалитетот и потребите од промена на учебниците по кои предаваат.
„Во процесот на измени на законите за основно и средно образование кои ќе предвидат намалување на бројот на часовите и административните обврски на наставниците се консултирани и ќе се консултираат наставничкиот пленум, синдикатите, невладиниот сектор, учениците, наставниците. Веќе е спремен текст на законски измени за унапредување на ученичкото организирање и учество во процесот на носење одлуки во средните училишта“, изјави министерката Дескока.
Во моментот се подготвува нов Закон за високо образование, преку работни групи во кои се вклучени сите засегнати страни. По барање на факултетите се одобрени нови вработувања на високо образован кадар, за да се зголемат капацитетите на државните универзитети за нивната редовна работа, информираше министерката Дескоска.
Наташа Јанчиќ
