Претседателот Иванов се сретна со командантот на НГ на Вермонт, Стивен Креј

14.09.2017 12:56

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, биле разменети мислења за долгогодишната плодна соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, обука и едукација на припадниците на двете армии.

Воената делегација на Националната гарда на Вермонт предводена од командантот, генерал-мајор Стивен Креј, ја продолжува посетата на Република Македонија. Во Вилата Водно беше примена од претседателот Иванов.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, биле разменети мислења за долгогодишната плодна соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, обука и едукација на припадниците на двете армии.

Претседателот Иванов го поздравил стратешкото партнерство на Армијата на Република Македонија со Националната гарда на Вермонт изразувајќи уверување дека успешната соработка со оваа сојузна држава во делот на одбраната претставува можност за проширување на соработката и во други области од заемен интерес.

Македонскиот претседател истакнал дека Република Македонија ги исполнува сите услови и критериуми за членство во НАТО алијансата, а со учеството во мировните мисии де факто се однесува како членка на северно-атлантската организација, и во тој контекст изразил очекување за натамошна интензивна американска поддршка, со цел Република Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО.

Креј оддал признание за севкупниот ангажман на македонските војници во меѓународните мировни мисии, и додал дека САД како и досега ќе продолжи да биде поддржувач на стратешката определба на Република Македонија за целосна интеграција во евроатлантските структури.

Генерал- мајорот Креј, разговараше со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а делегацијата од Вермонт се сретна и со членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.