Нуклеарната програма на Северна Кореја меѓу главните теми на Генералното собрание на ОН

18.09.2017 13:12

Проблемот со нуклеарната програма на Северна Кореја е меѓу главните теми на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Жестоката реторика на релација Пјонгјанг- Вашингтон продолжува. И САД и Европската унија бараат решение преку дијалог. Во меѓувреме, крај Корејскиот полусотров почна и вториот дел од годинашните поморски воени вежби на Кина и Русија.

Кина и Русија го почнаа вториот дел од поморските воени вежби на корејското крајбрежје. Тензиите во регионот се зголемуваат поради амбициозниот план за нуклеарната програма на Пјонгјанг кои се повеќе го тестира трпението на Меѓународната заедница. Маневрите се изведуваат меѓу Заливот на Петар Велики, во непосредна близина на руски Владивосток, близу до границата со Северна Кореја, и јужниот дел од Охотско Море, северно од јапонскиот брег. Првиот дел се одвиваше во Балтичко Море. Вежбите се годишна практика на Русија и на Кина и не се поврзуваат со актуелната криза на Корејскиот полуостров.

И покрај притисокот од меѓународната заедница, Пјонгјанг изврши и шеста и досега најсилна нуклеарна проба, а неодамна лансираше и втора ракета над Јапонија. Владата на Ким Јонг Ун се закани дека ќе ја потопи Јапонија, а САД ќе ги претвори во пепел поради поддршката на Вашингтон за деветата по ред резолуцијата на Обединетите Нации за построги санкции против Пјонгјанг. Советот за безбедност едногласно усвои забрана за извоз на текстил и ограничување на увозот на нафта. Поради мерките, цената на бензинот во Пјонгјанг достигна 2,51 долар за литар, што е за 45 насто повисоко во однос на минатата недела.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека доколку дипломатските напори не дадат резултат, воената опција ќе остане единствено решение за надминување на кризата.

„Нашата стратегија е да се изврши мирен притисок со спроведување на т.н. 4 „не“. Не бараме промена на режимот, не сакаме да го урнеме режимот, не бараме забрзано обединување на полуостровот, и не бараме причина да пратиме наши сили северно од демилитаризираната зона“, изјави државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон.

Директни преговори бара и ЕУ. Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел тврди дека се неопходни визии и храбри чекори, по примерот на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) во времето на Студената војна. Според него, Ким не е налудничав како што велат повеќето, туку дисциплиниран стратег кој верува дека со атомска бомба ќе си го обезбеди режимот. За разлика од Брисел, Вашингтон ја продолжува вербалната војна со Пјонгјанг. Во најновата изјава, претседателот Трамп покрај предупредувањето за Јонг-ун, успеа и да направи шега на сметка на озлогласениот лидер, нарекувајќи го „човек-ракета“. Проблемот со Северна Кореја е меѓу главните теми на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

 

Маја Филдишев