Заев на средба со ОМД: Законот за употреба на јазиците нема да биде надвор од Уставот

19.09.2017 10:36

Законот за употреба на јазиците нема да биде надвор од Уставот- порачал премиерот Заев на средбата со Обединетата Македонска Дијаспора во Њујорк. Претседателот на иселениците Мето Колоски, побарал Бугарија да го признае македонското малцинство. Соговорниците заклучиле- време е да се престане со националистичката реторика во земјава.

Законот за употреба на јазиците нема да биде надвор од Уставот- вакво уверување од владината делегација добила Обединетата Македонска Дијаспора на средбата во Њујорк. Нејзиниот претседател, Мето Колоски вели дека Македонија треба да стане членка на НАТО и Европската Унија без да се чепка во идентитетот.

„Се надеваме дека Договорот со Бугарија ќе донесе економски бенефит, но, на политички план, источниот сосед мора да се соочи со фактот дека постои македонско малцинство“, одговори Колоски на прашањето за дилемите што ги имаше неговата организација за потписот на документот меѓу Скопје и Софија.

Од новоформираниот Форум за демократска Македонија велат дека работат на креативни идеи кои што ќе ги унапредат правата на членовите на дијаспората, а имаат и план за имплементирање на светските искуства за дополнително демократизирање на Македонија.

„Сакаме да градиме мостови со нашата земја- целта е да видиме просперитена и екомски силна земја која ќе биде релевантен член на меѓуанродната заедница“, изјави Македонка Трајковска од Форумот за демократска Македонија. Вели дека националистичката реторика мора да запре.

На различноста на ставовите на дијаспората за некои прашања, премиерот Зоран Заев гледа демократски напредок. Според него, улогата на иселеничката заедница во низа процеси била значајна. Вели дека критичкиот став за чувствителни теми делува мотивирачки и се зема предвид како одредница за понатамошното носење на одлуките поврзани со иднината на Македонија во евро-атланските организации.

Премиерот Заев изјави дека Владата ги разгледува можностите за повеќе буџетски средства за конекција со дијаспората што треба да резултира со поголем ефект на политички, но пред сѐ на економски план што значи носење странски инвеститори.

Стојан Трпчевски, специјален известувач од Њујорк за МРТ