Османи: Очекуваме признание од ЕУ за постигнатиот напредок

19.09.2017 12:29

Во Eвропската унија и во регионот на Западниот Балкан преовладува позитивна клима за евроинтеграции, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на отчетот за првите 100 дена. Македонија по завршувањето на првиот дел од реформите 3-6-9, очекува неусловена препорака за започнување преговори со Унијата.

Македонија очекува признание од Европската унија за постигнатиот напредок во реформите, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, по 100-те дена од доаѓањето на власт. На прашање од МТВ како ќе се спречи повторно блокирање од Грција на започнувањето на преговори со Македонија на Европскиот совет во декември, Османи истакна дека се работи на зголемувањето на довербата со нашиот јужен сосед.

„Тоа што ние сега очекуваме е одлука на Комисијата за отстранување на условеноста од претходната препорака. Имавме препорака која беше условена со фер и кредибилни избори, и со адресирање на итни реформски приоритети. Имавме фер и кредибили избори во декември кои беа општо прифатливи, Планот 3-6-9 ги адресираше итните реформски приоритети. Со тоа сметаме дека ги исполнивме двата услови со цел да добиеме позитивна препорака, која е првиот чекор за да може понатаму Советот на ЕУ да донсе одлука за прифаќање и давање на датум. Работиме паралелно со Република Грција. Мислам дека постојат позитивни сигнали секаде, во земјата постои позитивен амбиент, во регионот се случуваат нови моменти и нов позитивен оптимизам“, изјави вицепремиерот Османи.

Македонија досега ги искористувала европските фондови за развој околу 70 проценти. Првиот човек за евроинтеграции наскоро најави мастер план за подобро искористување на европските пари наменети за проекти во Македонија.

 

Ирина Гелевска