Борбата против тероризмот приоритет на земјите од регионот

19.09.2017 14:24

Екстремизмот и тероризмот се насочени против вредностите на демократските општества. Ова меѓудругото беше заклучено на меѓународната конференција во Охрид, која е посветена на справувањето со предизвиците од растечкиот верски екстремизам. Против овој феномен државите од регионот мора да делуваат заеднички и координирано.

Македонија во континуитет е изложена на асиметрични закани кои произлегуваат од зачестеното манифестирање на етничка нетрпеливост, верска нетолеранција и екстремизам, кои создаваат плодно тло за радикализација, која може да доведе до тероризам. Поради тоа клучен предизвик е раното детектирање на можните закани во што голема улога треба да одигра Националната стратегија за справување со насилен екстремизам, тероризам, но и ресоцијализација на лицата кои што веќе учествувале во воените конфликти на Блискиот Исток.

„Владата на РМ формираше Национален координативен центар за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот. Именувавме национален координатор и двајца заменици. Ова се првични чекори на јакнењето на капацитетите на државата, меѓуота многу важни чекори кои понатаму преку регионалната соработка, преку соработката со нашите пријателски служби ќе ја усовршуваме таа наша способност за борба против радикализацијата на луѓето, ресоцијализацијата, за спречување на било каков терористички облик“, изјави Оливер Спасовскиминистер за внатрешни работи.

Институциите во земјата располагаат со податоци дека на боиштата на Блискиот Исток војувале 150 наши државјани, од кои 60 се вратиле во Македонија. Загрижува податокот што екстремистите се повеќе регрутираат жени и деца.

„Тој феномен навистина загрижува. Од РМ веќе имаме одредена бројка која што е активна, била, се вратиле и некои сеуште престојуваат во завојуваните краишта во Блискиот и Средниот Исток. Меѓутоа она што заплашува е присуството на жени, односно нивното врбување, индоктринација и подготовка за заминување, престој и нивното враќање овде. И уште полоша работа е индоктринацијата на младите луѓе, односно децата“, изјави Злате Димовскиуниверзитетски професор.

Приоритет на ОБСЕ е активна подршка на соработката помеѓу земјите од регионот.

„Изнаоѓањето решение на проблемот бара интердисциплинарен пристап, интензивна соработка и комуникација помеѓу безбедносните институции и државите од регионот. Проблемот е голем, а актуелните случувања во Европа покажуваат дека регионот не треба да се третира изолирано“, изјави Нина Суомалаинен, канцеларија на ОБСЕ- Скопје.

Учесниците на конференцијата едногласно посочуваат дека за ефикасна борба со тероризмот се потребни навремени превентивни мерки и идентификација на сите фактори кои водат кон радикализација на општеството.

Сашо Нелоски