Мехмедовиќ: На Итната медицинска помош ѝ недостигаат персонал и возила

19.09.2017 14:58

На Итната медицинска помош ѝ недостига персонал- вели директорот на Здравствен дом- Скопје, Злате Мехмедовиќ. Мора да има нови вработувања за медицинските тимови да достигнат 15 во една смена, наместо досегашните 10...

Еден тим на Итната медицинска помош во моментов опслужува 70 илјади жители во Скопје, од оваа служба дневно помош бараат повеќе од стотина граѓани, вели новиот директор Злате Мехмедовиќ. Условите во кои се работи се недостоинствени, ќе бара да се зголеми бројот на дежурни тимови, па така во една смена наместо сегашните 10, да работат 15 екипи. 

Службата што треба да им помогне на луѓето во животозагрозувачка состојба има 14 возила, од кои во функција се само девет, дел од нив се без клима што дополнително ја отежнува работата на лекарите во летниот период. Мехмедовиќ вели потребни се 30 функционални возила.

„Медицинскиот кадар ние не можеме да го вработиме додека завршат изборите поради тоа што има конфликт на интереси со Антикорупција, доколку во тек на избори ни овозможи да вработиме персонал кој ќе ни помогне во екипирањето на службите на Итната медицинска помош ќе биде за поздравување. Доколку тоа не можеме тоа да го направиме ќе го почитуваме Законот за спречување на корупција и Изборниот законик“, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом- Скопје.

Недостиг од кадар има и во здравствените домови, работат 1.200 лекари и друг медицински персонал, но за да добијат граѓаните квалитетна здравствена заштита, директорот Мехмедовиќ вели, потребни се уште 500 вработувања.

 

Андријана Атанасовска