Анѓушев: Не значи дека нема да бидат испочитувани веќе склучените договори со странските инвеститори
Не значи дека нема да бидат испочитувани веќе склучените договори со странските инвеститори, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Вели, се елиминираат дискреционите одлуки, а се зголемува транспарентноста. Во јавната дебата претставниците на странските институции и мисии во земјава се интересираа за обемот на државната поддршка, и распределбата на средствата за одделни мерки...

Програмата на економски мерки, односно платформата за економски раст е дизајнирана за да поддржува резултати, но тоа не значи дека нема да бидат испочитувани веќе склучените договори со странските инвеститори, нагласи вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на презентацијата пред претставници на странските институции и мисии во земјава. Со неа се елиминираат дискреционите одлуки, а се зголемува транспарентноста при што секоја компанија ќе може однапред да одлучи за која мерка ќе аплицира. Важни се двата основни критериуми, зголемувањето на приходите и ненамалување на бројот на вработени. Ќе се елиминираат појавите наместо невработени лица од Агеницата за вработување инвеститорите да превземаат веќе вработени лица од други компании, појасни Анѓушев.
Една од главните цели на Владата е да се зголеми обемот на соработка меѓу странските компании и домашните добавувачи и затоа ќе се стимулира со поврат на 1% од вредноста на вкупните набавки, доколку 10% од нив се реализираат на домашниот паазар, појасни Анѓушев. Досега вредноста на набавките на странските компании од македонските е помала од 1% од вкупните набавки. Во јавната дебата претставниците на Светска банка, УСАИД, УНДП како и на повеќе странски амбасади се интересираа за обемот на државна поддршка, распределбата на средствата за одделни мерки, мониторингот, поврзаноста на програмата со образованието.
Вкупната вредност на програмата ќе се движи меѓу 30 и 40 милиони евра, при што ќе има посебни фондови за секоја одделна мерка, изјави Анѓушев. Услов за државна помош ќе биде најмалку 80% од ново вработените да се преку Агенцијата за вработување, а не со превземање на веќе вработени. Анѓушев дециден, нема да има отворање нови ТИРЗ-ови се додека не се пополнат постојните зони, одговори Анѓушев, со најава дека ќе се подобри инфраструктурата во нив доколку за тоа има потреба.
Свето Николовски
