Бизнисмените со поддршка за планот за раст

20.09.2017 16:31

Бизнисмените го поддржаа планот за економски раст, но бараат дел од мерките за странските компании да важат и за домашните. Се бара и доекипирање на Македонската банка за поддршка на развојот за да може да врши целосно осигурување на извозот на домашните компании...

Бизнис- заедницата, извозниците и научната јавност го поддржаа планот за економски раст нудејќи и сопствени предлози за нејзино подобрување. Сметаат дека во досегашните слични програми, проблематична била имплементацијата на мерките, а сега конечно ќе се поддржуваат успешните компании, односно оние што можат да обезбедат раст и развој на домашната економија.

Дел од најголемите извозници бараат дел од мерките насочени кон странските компании да можат да ги користат и домашните фирми, особено за развојни цели. Се бара доекипирање на Македонска банка за поддршка на развојот, за да може да врши целосно осигурување на извозот на домашните компании, особено на нови пазари за да не се користат услугите на слични институции од регионот или од ЕУ.

Бизнисмените бараат поддршката за настап на саемски манифестации да биде индивидуална, односно секоја компанија, затоа што веќе се присутни на одредени саеми и веќе користат одреден простор.

Научната јавност бара преиспитување на досегашните даночни олеснувања за странските инвеститори, со оглед дека се применува рамен данок со што се нудат многубројни олеснувања. Академик Таки Фити предлага да се направи кост- бенефит анализа за ефектите од секоја одделна мерка, но и да не се менуваат често, бидејќи негативно влијае на довербата кај инвеститорите.

Фити препорачува подобрување на соработката на домашните фирми со странските компании со испорака на репроматеријали, делови и склопови, при што би се користеле германското и холандското искуство, во што би била важна и улогата на Стопанските комори.

 

Свето Николовски