Собрание: Дебата за Законот за јазици

21.09.2017 15:23

Продолжува расправата за Законот за употреба на јазиците во прво читање во македонскиот Законодавен дом. Мора да се носат закони, кои се за доброто на сите граѓани, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ смета дека по изборите и ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за законот. Спикерот Џафери ги предупреди пратениците од опозицијата- ја кочат постапката за донесување на Законот.

Секој со своите аргументи за и против Законот за употреба на јазиците. Се дебатира од тоа дека се прави обид да се прикрие криминал, до тоа оти дебатата е во корист на престојните локални избори.

„Овде се работи само за еден нечесен договор меѓу СДСМ и коалицијата, кој ќе ја чини Македонија двојазичност на целата територија, која сама посебе ќе доведе до федерализација и до непостоење на македонската држава“, изјави Дафина Стојановска, ВМРО-ДПМНЕ.

„Не воведува двојазичност на цела територија на РМ, не е противуставен, воопшто не значи никаква федерализација... никаква промена, а Боже сачувај- ќе ја немало Македонија. Па што сѐ не се изнаслушавме овие денови“, возврати Томислав Тунтев, СДСМ.

„Повторно оваа говорница се злоупотребува од страна на пратениците на опозицијата со нивните говори за предизборна кампања, се користат термини кои не се ниту уставни- кога ќе се каже дека Албанците се малцинство во оваа држава. Не се Албанците малцинство туку се државотворен народ“, вели Ејуп Алими, ДУИ.

Седницата на моменти и со тензични излагања.

„Дали градоначалникот Бејта има потреба од овој закон? Не направил доволно за гласачите, но за себе направил два трговски центри“, рече Антонијо Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако веќе имате храброст, излезете и упатете му го на Невзат Бејта тоа што му го упатувате овде од говорница“, реагираше спикерот Талат Џафери.

„Знам дека ова столче е многу жешко, сум го искусил. Треба многу кнедли да се голтаат... но тоа е“, возврати поранешниот спикер Трајко Вељаноски.

Остануваат констатациите на опозицијата дека Законот за употреба на јазиците е неуставен, додека пак позицијата смета дека со Законот ќе се зголеми довербата меѓу граѓаните во државата.

 

Миле Ристески