Продолжува жестоката реторика на релација Вашингтон- Пјонгјанг
Пентагон предупреди- ако продолжат провокациите, претседателот Трамп ќе ги добие сите опции за решавање на проблемот со Северна Кореја. Ова е втор случај во кој Пјонгјанг го обвинува Вашингтон за објава на војна. Продолжува жестоката реторика меѓу челниците на двете велесили.

Пентагон ќе му ги претстави на американскиот претседател Доналд Трамп сите опции за решавање на проблемот со Северна Кореја доколку продолжат провокациите. Соопштението од американското Министерство за одбрана следува по заканата на севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг-Хо дека неговата земја ќе преземе контрамерки бидејќи Трамп наводно им објавил војна.
„Според Повелбата на Обединетите Нации, секоја земја-членка има право на самоодбрана. Откако Соединетите Американски Држави ни објавија војна, наше право е да преземеме контрамерки, вклучувајќи го и правото да им ги собориме бомбардерите, дури и кога не се во нашиот воздушен простор“, изјави Ри Јонг-Хо, министер за надворешни работи на Северна Кореја.
Билатералната вербална војна ескалираше откако Трамп изјави дека „Ким Јонг Ун нема уште долго да биде тука“, што беше протолкувано и како желба на Вашингтон да се смени власта на Северна Кореја. Белата куќа демантираше дека постои таков план.
„Ние не сме ѝ објавиле војна на Северна Кореја. Никогаш не е правилно да се собори авион на друга држава доколку е над меѓународни води. Нашата цел е иста. И натаму бараме мирна денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Тоа го правиме преку максимални економски и дипломатски притисок“, изјави Сара Сандерс, портпарол на Белата Куќа.
Покрај санкциите на Обединетите Нации, Северна Кореја продолжи со ракетните тестирања. Владата на Пјонгјанг повтори дека нуклеарните капацитети се наменети само против оние кои сакаат да ѝ наштетат.
Маја Филдишев