Груевски: Нови инвестиции и работни места

28.09.2017 16:20

Нови инвестиции и работни места, инфраструктурни проекти - ветувања на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино и во Кавадарци. Груевски оцени оти локалните избори се можност граѓаните да кажат што мислат за она што ѝ се случува на Македонија во изминатите четири месеци...

„Додека нашите опоненти ја уништуваат економијата, го потпишаа штетниот договор со Бугарија, правеа организирани хајки и политички прогони за да нѐ оцрнат и да нѐ прикажат како нечесни, ние анализиравме каде беа нашите слабости за да ја зацврстиме партијата како народна и конзервативна и граѓанска десница, како и да подготвивме програми за локалните избори“- рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред Кавадарчани. Потенцираше дека повеќе од четири месеци правеле нов документ со нова визија за Македонија. Се фокусирале како повторно да ја извадат државата од како што рече, сегашното помрачување, и за младите и за пензионерите.

Груевски вели дека Македонија во иднина ја гледа како членка на ЕУ и стратешки партнер на САД. „Со новата ера и визија на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе влезе во групата земји кои имаат невработеност под десет проценти“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Најави нови странски и домашни инвестиции, отворање работни места и инфраструктурни проекти- парцели во индустриската зона и изградба на патната инфраструктура, уредување и проширување на влезовите на Кавадарци, реконструкција и проширување на влезот од Росоман, изградба на велосипедско-пешачки патеки.

„Ја донесов можеби најтешката одлука во мојот живот, многу размислував, се трудев да си создадам слика за се она што следува во иднина, на крај победи предизвикот“- вели кандидатот за градоначалник Митко Јанчев. Потенцира, функцијата повлекува огромни обврски, напор и многу труд.

Целата енергија што ја имам и големата желба за нови предизвици, верувам дека одговорно и домаќински ќе ги извршувам моите обврски во функција на вас граѓаните, вети Јанчев. Пред сограѓаните ги соопшти проектите кои се содржани во програмата.  Меѓу нив, Мој општинар. Преку отворање дестилерија ќе се решава хроничниот проблем со вишокот грозје. Затворен пазар со паркинг, две нови градинки, реконструкција на стадионот „Тиквеш“, ставање во функција на винарската куќа, нов споменик на 12-те Ваташки деца, повеќе велосипедски патеки, средување на проблемот со кучињата скитници, изградба на колектор во Марена и Сопот. Нова економска зона за бизнис- секторот.

Поддршка за уште еден мандат од своите сограѓани побара и актуелниот градоначалник на Неготино, Златко Пенков. Најави дозавршување на проектите за комплетно решавање и подобрување на водоснабдувањето, асфалтирање на улици во градот и населените места во општината, решавање на проблемот со паркинг местата , изградба на кружни текови на влезот, излезот и центарот во Неготино, набавка на комунална опрема, нова детска градинка.

Од коалицијата „За подобра Македонија“ со порака- ова нема да бидат само локални избори, на 15-ти октомври народот ќе отвори пат и за предвремени парламентарни избори.

 

Наташа Гркова- Петрушевска