Референдум за независност: Каталонците гласаат, полицијата ги затвора гласачките места

01.10.2017 11:50

На дел од гласачките места, полицијата од утринава се обидува да ги спречи луѓето да гласаат, а на одделни места се регистрирани инциденти. Според последните информации од каталонската Влада, 73 проценти од гласачките места се отворени за гласање.

Гласањето на референдумот за независност на Каталонија почна денеска на голем број избирачки места. На дел од гласачките места, полицијата од утринава се обидува да ги спречи луѓето да гласаат, а на одделни места се регистрирани инциденти.

Националната полиција успеа да затвори околу 15 избирачки места и да заплени материјал за гласање. Специјалци од шпанската полиција се судрија со гласачи на неколку места во Барселона.

Интервенцијата на полицијата е потребна за да се запре одржувањето на забранетиот референдум за независност на Каталонија, изјави шпански владин претставник.

„Приморани сме да го направиме тоа, иако не сакаме“, изјави Енрик Миљо, шпански владин делегат за Каталонија.

Според последните информации од каталонската Влада, 73 проценти од гласачките места се отворени за гласање. Владата ги повика Каталонците масовно да излезат на гласање и да не наседнуваат, ниту да предизвикуваат инциденти.

Демонстранти низ улиците на Барселона извикуваат „ние сме луѓе на мирот“ и  „не се плашиме“. На голем број места во градот се забележливи амбулантни возила.

Каталонскиот регионален претседател на Владата, Карлес Пучдемон гласаше во Корнела дел Тери, на 110 километри североисточно од Барселона. Тој не беше во можност да гласа на регуларното гласачко место близу Сент Хулиа де Рамис, бидејќи полицијата го опокли избирачкото место и не дозволуваше влез.