Павлопулос од Белград ја нападна Македонија за фалсификување на историјата и иредентизам
Грчкиот претседател Прокопиос Павлопулос во официјална посета на Белград. Во пресрет на посетата изјави- Кога е во прашање Македонија, додека инсистира на користењето на името, таа предизвикува фалсификување на историјата, а тоа повлекува иредентизам и сама си ја поткопува европската перспектива...
По средбата со Александар Вучиќ, грчкиот претседател Прокопиос Павлопулос на прес конференцијта, се осврна и на Македонија, повикувајќи се на европските вредности, историјата и на меѓународното европско право.
„Грција ја подржува интеграцијата на ПЈРМ во ЕУ, но со почитување на европските принципи. Но доколку таа држава го користи името со кое се крши историјата и кога ќе ги видите нивните мапи и го чуете мислењето на нивното раководство, тие покажуваат стремеж кон отцепување, што не е во согласност со европските принципи. Не е прифатливо кога една држава вели дека сака да влезе во ЕУ, а ги оспорува постоечките граници. Не само што името на ПЈРМ ја менува историјата, тоа е и на штета на нејзиниот европски пат, што е против европското право и Грција тоа нема да го подржи“, рече грчкиот претседател Павлопулос во Белград.
Српскиот претседател не се осврна на грчко- македонскиот спор, но се изјасни со подршка за територијалниот интегритет на Шпанија по референдумот во Каталонија.
„Кога мислеа дека можат да ги прекројуваат границите на Балканот, бидејќи не ѝ припаѓа на ЕУ, големите сили се играа со судбините на државите. Денеска не им е до игра, бидејќи мечката чукна и на нивната врата“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Покрај прашања за стабилност во регионот, евроинтеграциите на Србија и Југоисточна Европа, на средбата е разговарано и за унапредување на економската соработка меѓу двете држави.
Двајцата претседатели најавија дека на почетокот на идната година, Високиот совет за соработка на двете држави ќе го потпишат Договорот за стратешко партнерство.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
