Апел од ДИК: Инцидентите да престанат

03.10.2017 15:17

Политичките партии итно да престанат со инцидентите, апелира претседателот на Државната изборна комисија. Потсети дека кандидатите за градоначалници и советници, потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.

Државната изборна комисија најостро ги осуди досегашните инциденти во пресрет на локалните избори. Претседателот на Комисијата, Чичаковски ги повика партиите да ги смират страстите, а надлежните да ги расчистат инцидентите и да ги казнат сторителите.

„Насилството никогаш не е решение! Тоа не му помага на никого, и може само да донесе штета на кандидатите, на партијата, на изборниот процес, на државата. Уште еднаш апелираме кон итно престанување на сите негативни појави, кон почитување на противкандидатите и кон фер и демократски избори. Избори се победуваат на 15 октомври со јасно изразена воља на граѓаните, со голема излезност и индивидуално право на секој граѓанин да гласа за оние кандидати кои смета дека се најдобри, а не со насилство“, изјави Чичаковски.

Со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски изборен процес и самите партии се обврзаа пред граѓаните дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат - вели претседателот на ДИК.

Чичаковски потенцира дека секое насилство, инцидент, непочитување на политичките опоненти во изборниот процес се спротивни на кодексот, законите, правилата и прописите кои се релевантни за изборите.

 

Сунчица Николоска