Локални избори 2017: Продолжува предизборната кампања

06.10.2017 08:09

Партиите, коалициите и независните кандидати и денеска на митинзи и средби со граѓани во повеќе градови и населени места. Коалицијата „Живот во Македонија“ ќе одржи митинзи во Македонски Брод и Кичево, додека коалицијата „За подобра Македонија“ ќе митингува во Крушево и во Прилеп...

Коалициите, партиите и независните кандидати за градоначалници, како и кандидатите за советници ја продолжуваат кампањата пред локалните избори.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ синоќа беше во Кисела Вода и во Центар, а денеска ќе биде со симпатизерите во Долнени, Кривогаштани, Крушево и во Прилеп.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ вчера беше во Тетово и околните места, а денеска ќе биде меѓу поддржувачите во Пласница, Македонски Брод и во Кичево.

Демократската унија за интеграција најавува митинг во скопски Сарај, а движењето БЕСА ќе организира средба со жителите на скопско Студеничани.

Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13-ти октомври во 24 часот, а почна на 25-ти септември. 

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15-ти октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Право на глас ќе имаат 1.814.644 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29-ти октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27-ми октомври во 24 часот.