ДИК ги разгледува приговорите за првиот круг од локалните избори

19.10.2017 11:40

Од поднесените приговори до ДИК, ВМРО-ДПМНЕ повлече три, два се однесуваат на Прилеп и еден на Скопје за повеќе избирачки места. Со оглед на бројот на приговори се очекува денешната седница на ДИК да потрае, но комисијата треба да се произнесе до полноќ.

Државната изборна комисија одлучува по приговорите од подносителите на листи на кандидати за првиот круг на локалните избори. Поднесени беа 46 приговори, од кои 43 од ВМРО-ДПМНЕ. По еден приговор поднесоа и ТМРО, Алијансата на Албанците и Левица.

Пред почетокот на седницата опозициската партија повлече три од приговорите што се однесуваат на гласањето и сумирањето на резултати во Скопје и Прилеп.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговори за гласањето во Ѓорче Петров, Аеродром, Центар, Чаир, Сарај, Кисела Вода, Шуто Оризари, Гази Баба, Кривогаштани, Карпош, Прилеп, Радовиш и Струга. ТМРО за гласањето во Град Скопје, Алијанса за Албанците за Гостивар и Левица за гласањето во Куманово.

Приговори за изборите за градоначалник има за Град Скопје, за Центар, за Сарај, за Струга, за Радовиш и за Кривогаштани. За гласањето за листите за советници приговори има за Град Скопје, Центар, Гостивар, Струга, Радовиш, Прилеп, Куманово и Кривогаштани. 

ДИК е должна да одлучи по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд, пак, по приемот на жалбата должен е да донесе одлука во рок од 48 часа.