ВМРО-ДПМНЕ: Изборниот поткуп продолжува и во вториот круг

20.10.2017 16:26

Изборниот поткуп продолжува и во вториот круг, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата посочи на низа нерегуларности. Во меѓувреме, дел од кандидатите за градоначалници ги претставија своите проекти за подобар живот на граѓаните.

Постојано пристигнуваат информации за огромни изборни нерегуларности, злоупотреби, кршења на процедури и притисоци и за вториот изборен круг, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме продолжуваат активностите на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ за вторит изборен круг. Парите што ги издвојуваа жителите од населените места во општината Гази Баба за изградбата на фекалната канализација во Стајковци, Инџиково, Трубарево, Економија и во населбата Кирил Петрушевски, ќе им се вратат повторно на граѓаните директно од буџетот на општината во наредниве четири години, вети кандидатот за градоначалник на општината Гази Баба, Тони Трајковски. Тој ќе се трка во вториот изборен круг на локалните избори кои што ќе се одржат на 29-ти октомври. Трајковски рече дека планирана сума што треба да им се врати на жителите е околу 20 милиони евра, кој што бил месен самопридонес, а другите 60 милиони евра се обезбедуваат од касата на општината.

Тој најави и продолжување на изградбата на фекалниот колектор за Јурумлери, Трубарево, населбата Гоце Делчев, Дрма, Црешево и Смилковци, како и планинските села во Виниче, Страчинци, Булачани и Раштак.

И кандидатот за градоначалник на Штип, Илчо Захариев во вториот изборен круг на гласачите им вети бесплатен оброк за учениците од прво до петто пдделение во сите централни и подрачни училишта, кој што ќе го финансира општината.

Според него со овој проект придобивка ќе имаат околу 2.000 ученици. Тоа не е голем трошок за општината, а ќе биде од голема помош за родителите кои ќе заштедат месечно околу 600 денари, а на годишно ниво 5.400 денари, вели Захариев, кандидатот за градоначалник на Штип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Игор Панов