Скопски саем

Саемски манифестации на привремени локации

25.10.2017 15:57

Отворен меѓународниот саем „Технома“. Учествуваат 120 дoмaшни и стрaнски компании. Се одржува на нова локација откако беше променета сопственоста на Скопски саем...

Недвижниот имот на Скопски саем е продаден, но компанијата ќе продолжи да организира саеми- вели извршниот директор Дејан Кошутиќ. Бугарската фирма „Кардифинанс“ е нов сопственик на брендот, парцелата и објектите. Речеси 150 илјади квадрати земјиште, продадени како хипотекарен имот од страна на банките ги купила албанската корпорација „Балфин груп“. Ќе гради деловно станбен комплекс. На кои локации ќе продолжат самеските активности, дали ќе се прават нови хали, се очекува да обелодени новиот газда.

„Најважно е дека Скопски саем ќе продолжи со организирање саемските активности. Ние сме единствен специјализиран економски оператор во делот на саемски активности во изминатите 60 години. Самото денешно отворање на „Технома“ е доказ за каква компанија и со какво искуство и какво ноу-хау се работи“, посочува Дејан Кошутиќ, извршен директор на Скопски саем.

„Технома 2017“ годинава се одржува во Арената „Борис Трајковски“. 120 домашни и странски фирми од металургијата, електротехниката, енергетиката ги изложуваат производите. На адреса на владиниот економкиот тим стигнуваат и забелешките од фирмите за пакетот мерки од Планот за економски развој.

„Имаат само одредени технички забелешки во делот на нивното прецизирање да бидат појасни и подецидни и полесно применливи. Сите забелешки, ќе бидат прифатени и вградени во програмата што ќе биде преточена во владина програма до крајот на годинава и како таква ќе биде применета во текот на следната година“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Каква било измена на даночната политика, нема да биде на штета на стопанството и на граѓаните, нема да се случи без консултација со бизнис заедницата- коментира вицепремирот за економски прашања. Стапката на ДДВ нема да се менува, тврдат и од Министерството за финансии, ќе има дебата за евентуално воведување на прогресивна стапка на пероснален данок на доход.

Сузана Фиданска- Стоевска