Анѓушев: Новиот Закон за енергетика согласно препораките од Енергетската заедница

26.10.2017 12:59

Анѓушев истакнал дека Владата посветено работи во спроведување на најавените реформи со цел интеграција во Европската Унија.

Моменталната позиција на Република Македонија во поглед на енергетиката, но и за идните планови и перспективи на Владата во енергетскиот сектор во фокус на средбата помеѓу вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев, со министерка за енергeтика, животна средина и одржлив развој на Кралството Белгија, Мари Кристин Маргхем, денеска во Брисел.

„Македонија подготвува нов закон за енергетика во кој ќе биде имплементиран Третиот енергетски пакет на Европската унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Иднината во енергетиката ќе се базира на обновливи извори на енергија, преку рационален, одржлив и исплатлив концепт“, потенцираше Анѓушев на средба, соопшти неговиот кабинет.

Анѓушев истакнал дека Владата посветено работи во спроведување на најавените реформи со цел интеграција во Европската Унија.

„Македонија се стреми кон целосна интеграција кон ЕУ и во тој процес Владата смета дека  клучна е соработката со земјите членки, како што е и Белгија, и користење на нивните искуства, особено во делот на усогласување на националната регулатива со европските прописи. Споделувањето на информации и искуствата од земјите членки се клучни за интеграцијата на Македонија во ЕУ“, подвлече Анѓушев.

Министерката Маргхем порача дека во евроинтегративниот процес, Република Македонија може да очекува поддршка од Кралството Белгија и дека очекува односите помеѓу двете земји да продолжат да се развиваат и интензивираат.

Меѓудругото, вицепремиерот порачал дека странските инвеститори, вклучително и оние од Белгија се добродојдени да инвестираат во Македонија.