Зголемен интересот на земјоделците за ИПАРД 2

27.10.2017 10:26

Зголемен е интересот на земјоделците за користење на парите од ИПАРД 2 програмата. За разлика од претходните години кога најмногу се аплицираше за обнова на механизацијата, сега се бара ко-финансирањата и на инвестициите за обновливи извори на енергија и за развој на руралниот туризам.

На последниот ИПАРД оглас од април годинава се доставени скоро 1.400 барања, а според Платежната агенција, се очекува првите договори да бидат склучени во февруари идната година.

Ова се досега најмногу поднесени барања за ИПАРД програмата, ако се има предвид дека на претходните огласи пристигнуваа во просек по 400.

Зголемениот интерес дојде со подобрените услови. Наместо досегашните 50, стапката на кофинансирање за инвестиции во земјоделските стопанства, може да се зголеми и до 70 проценти ако се инвестира во неразвиените планински подрачја.

Од овој оглас прифатлив сектор за инвестирање се и вложувањата во житните култури и во обновливите извори на енергија. Дел за сопствено користење на енергијата, а дел за продажба.

На земјоделците и бизнис операторите кои ќе користат средства од оваа програма им стојат на располагање и Гарантниот фонд за покривање на дел од хипотеката за земениот кредит и субвенции за покривање на трошоците за половината од банкарските камати.

 

Методија Трајков