ОБСЕ/ ОДИХР: Почитувањето на темелните вредности придонесе кон спроведување демократски избори

30.10.2017 16:52

ОБСЕ/ ОДИХР ги претстави постизборните заклучоци. Оцени дека вториот круг овозможил натпревар, почитувањето на темелните вредности придонело за спроведување демократски избори. Меѓу забелешките, премиерот ветувал владина поддршка за општините со градоначалници од владејачката коалиција, а ова според мисијата, ја поткопува поделбата меѓу партијата и државата. Јавниот сервис обезбедил балансирано покривање...

Вториот круг од локалните избори во Македонија овозможиле натпревар, се почитувале темелните слободи што придонело кон спроведување на демократски избори, ова е прелиминарната оценка на набљудувачката мисија на ОДИХР. Набљудувачите не регистрирале насилство, но велат оти имало злоупотреба на државни ресурси, купување гласови и фотографирање избирачки ливчиња. Шефот на набљудувачката мисија посочи дека ДИК ја зголемила транспарентноста, но не испланирала соодветни обуки, едукација на гласачите и финансиска поддршка на општините со блокирани буџетски сметки. Премиерот Зоран Заев не успеал да спроведе одвојување на државата од партијата.

„Поддршката за самиот себе си не ја одвојува државата од партијата. Премиерот рече дека во оние региони каде кандидатот на ДУИ или на СДСМ ќе успее да победи во изборната трка, тој ќе обезбеди таму да се дадат пари за општините“, изјави Одри Гловер, шеф на мисијата на ОДИХР во Македонија.

Владејачката коалиција ги поздрави изборните резултати, а главните опозициски партии изјавија дека нема да ги признаат резултатите, се наведува во оценката на ОДИХР. Медиумите известувале балансирано, со негативно рекламирање кај приватните медиуми.

„Јавниот сервис обезбеди бесплатно претставување во ударни термини и петмина кандидати ја искористија оваа можност. Набљудувањето на медиумите во вториот круг покажа дека јавниот сервис балансирано известуваше и ги покриваше сите кандидати“, рече Гловер.

Шефот на набљудувачите посочи дека ОДИХР не е изборна полиција, и препорача опозицијата да ги пријави инцидентите до полицијата и судовите. Финалната оценка за локалните избори во Македонија, ОДИХР ќе ја соопшти за два месеца.

 

Ирина Гелевска