Аутизам: Социјална инклузија преку позитивно родителство
Според регистарот, во Македонија има 170 деца и лица со аутизам, но тој број е многу поголем, велат од здружението. Низ обука за родителите целта е позитивно да се влијае да ја прифатат состојбата на нивните деца и да влијаат позитивно на нивниот развој. Потребно е и подигнување и на јавната свест за аутизмот.
Според светската статистика, на 100 деца се раѓа едно со аутизам. За овие деца е важна инклузијата, за родителите како да се справат со непознатото. Семејствата се под постојан стрес, борбата е тешка, раскажува Зоран Гиев, татко на 15-годишно дете со аутизам. Вели дека обуките му помогнале полесно да ја разбере специфичната состојба на својот син.
„Ние сме дојдени до перфекција со тоа што ако јас седам во дневната соба а тој е во спалната, знам што точно прави таму. До таа перфекција се дојдени родителите за да се справат со децата. А оваа конференција ни овозможи стресот што го имаме постојано во семејството да се намали и да се отргне“, изјави Зоран Гиев- родител.
Дефектолозите велат, на децата со аутизам им е потребна подготовка пред да почнат да одат на училиште или во градинка, но и на кадарот што работи со нив. Особено треба да се обрне внимание на визуелната поддршка.
„Ако имате дете со оштетен вид, ќе му дадете очила или покрупни букви итн. Но, за децата со аутизам многу ретко, скоро никаде не се подготвуваат визуелни распореди, визуелни сликички и други помагала што им се потребни за поедноставно да ги усвојуваат знаењата“, вели д-р Јасмина Трошанска- дефектолог.
Претседателот на Македонското научно здружение за аутизам вели дека кај нив се регистрирани 170 деца и лица со аутизам, но според него, бројот е многу поголем.
„Тоа е далеку под светската статистика. Тој број е многу поголем во Македонија. Не сакаат да дојдат сите родители, можеби не знаат дека постои здружението. Државата многу слабо води грижа за возрасните лица со аутизам“, изјави проф. Владимир Трајковски- претседател на Македонското научно здружението за аутизам.
Проектот „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство“ ќе заврши во август идната година. Од Здружението велат, доколку не добијат финансиска поддршка од државата, обуките нема да може да продолжат.
Андријана Атанасовска