Апелација расправаше дали „бомбите“ може да бидат доказ во случајот „Тендери“

01.11.2017 15:06

Апелацискиот суд расправаше дали снимките од прислушуваните разговори ќе можат да се користат како доказ во случајот „Тендери“. Обвинителот на СЈО рече дека цедето со пет таканаречени „бомби“, кои Кривичниот суд ги отфрли, се незаконски создадени, но дека се прибавени законски со записник. Адвокатот на ексминистерката за култура рече дека жалбата на СЈО е неоснована...

Аудиоснимките од прислушувани разговори, кои Кривичниот суд ги отфрли како доказ со образложение дека се незаконски стекнати, Специјалното јавно обвинителство ги прибави законски- рече Севчо Донев, обвинител од СЈО. Смета дека од нивната содржина, директно произлегува дека обвинетите за предметот „Тендер“ го сториле кривичното дело и побара овие разговори да бидат дел од доказната постапка.

Одбраната, пак, смета дека незаконски стекнати докази не може во никој случај да бидат дел од судска постапка. Велат дека треба да се прави анализа што е јавен интерес, а што повреда на правото на приватост. Бранителите на Канческа- Милевска бараат решението на Кривичнот суд да биде потврдено и аудиоснимките да не бидат доказ. Според нив, првостепеното решение е законско.

Апелација, во двата предмета, „Насилство во Центар“ и „Триста“ ги прифати прислушуваните разговори како докази. В петок ќе одлучува дали ќе може да се користат во постапката за предметите „ТНТ“ и „Топлик“.


Наташа Гркова- Петрушевска