Анѓушев: Стечајната постапка не значи затворање на „Фени“

01.11.2017 14:53

Добрата информација е што цената на фероникелот во моментов е поволна и што постојат три заинтересирани групации кои сакаат да ја преземат компанијата, притоа да ги задржат вработените- изјави вицепремиерот за економски прашања...

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев тврди дека се посветени на изнаоѓање брзо решение за кавадаречки Фени. Вели дека стечајната постапка не значи затворање на комбинатот.

„Доверителите покренаа постапка за стечај, но тоа не значи запирање на работата на Фени и негово затворање, туку напротив од она што го имаме како сознание Фени ќе има брзо решение. Добрата информација е што цената на фероникелот во моментов е поволна  и што постојат три заинтересирани групации кои сакаат да ја преземат компанијата, притоа да ги задржат вработените. Сите  обврски од околу 60 милиони евра на Фени од кои 40 милиони кон банките и 20 милиони кон добавувачите, ќе бидат обештени, а компанијата ќе продолжи да работи во својот полн капацитет“, рече вицепремиерот Анѓушев посочувајќи дека се надева оти ова ќе биде направено во рок од месец и половина до два месеца.

Тој смета дека кредиторите имаат  согласност меѓу себе да бидат покриени сите трошоци за работењето на Фени во оваа чувствителна фаза, вклучително снабдувањето со струја, платите на вработените и одржувањето на печките во топла состојба.