Над еден тон марихуана запленета на „Блаце“
Дрогата спакувана и маскирана со стара хартија ја откриле царинските службеници на граничниот премин „Блаце“ кога дилерот сакал да влезе во Македонија. Кога започнала контролата, дилерот ги оставил пасошот и возилото и побегнал од граничниот премин.

37- годишен скопјанец се обидел вчера преку земјава да прокриумчари еден тон косовска марихуана. Дрогата спакувана и маскирана со стара хартија ја откриле царинските службеници на граничниот премин „Блаце“ кога дилерот сакал да влезе во Македонија. Кога започнала контролата, дилерот ги оставил пасошот и возилото и побегнал од граничниот премин. Полицијата работи на негово пронаоѓање.
„Пристапено е кон детален преглед на полуприколката која била товарена во Република Косово со отпадна хартија наменета за Република Турција. При прегледот со отстранување на неколку бали хартија во средишниот дел на приколката пронадјени се вкупно 839 пакувања завиткани во проѕирна најлонска фолија со различна тежина. Тие биле наполнети со растителна материја со зеленкаста боја која на тестер на дрога покажа дека се работи за наркотична дрога, марихуана“, информираше директорот на Царината, Ѓоко Танасовски.
Според директорот запленетата дрога која била наменета за пазарот во Турција би достигнала вредност до 4 милиони евра.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој заедно со директорот на Царинската управа го посетија граничниот премин каде што е запленета дрогата, истакна дека запленета на ова количество дрога покажува дека Владата и МВР се решителни трговијата со дрога, оружје и сите други недозволени трговии да бидат на удар, а со цел справување со криминалот и корупцијата во Македонија.
