Владеењето на правото ќе ги забрза евроатланските перспективи
Во Охрид експерти и судии од регионот, Европската унија и Соединетите Американски Држави разговараат за иницирање на законодавни реформи преку донесување на препораки, како и стратешки судски насоки за реформи кои ќе гарантираат фер судење, зајакнување на судската независност, транспарентност и одговорност...

Ниту претседателите, ниту премиерите не смеат да се мешаат во судската независност, бидеќи судиите се тие што делуваат како контрола на политичарите. Ова го посочија експертите на меѓународната работилница зборуваќи за реформите во македонското судство, при што нагласија дека никој не треба да има моќ да ги разреши судиите заради судски одлуки и дека тоа може да биде опција само во случај на корупција или криминал.
„Нивната улога е да ја ограничат моќта на политичарите, а не обратно. Судиите треба да се противат и на надворешните влијанија од другите судии, пријатели роднини, медиуми и јавноста“- вели Дејвид Стивенсон, шеф на политичко- економската канцеларија при Амбасадата на САД во Македонија.
„Изборот, дисциплинаската одговорност, позицијата на Судскиот совет и некои статусни прашања околу судиите, но секако дека ќе се отворат некои прашања околу процесните закони со цел да се подобри квалитетот на постапките“, изјави Џемаил Саити, претседател на Здружението на судии на Р. Македонија.
Одговорноста за состојбите во судството е кај највисоките судски тела кои треба да ја гарантираат судската независност, сметаат дел од судиите, при што укажаа дека одговорноста треба да се индивидуализира.
„Не може да се генерализира лошо однесување на сите судии. Точно е дека постои проблематично или несоодветно или незаконито однесување на дел од судиите, но тоа мора да се индивидуализира, значи мора да постои индивидуална одговорност“- вели Андреј Димовски, Основен суд- Скопје 2.
„Судиите треба да судат согласно законот, уставот меѓународните договори и да ги почитуваат човековите права и владеењето на правотои на тој начин да ја вратат довербата што ја бараат граѓаните на Република Македонија“- смета Лазар Нанев, Основен суд Кавадарци.
Некои од експерите сметаат дека генерален реизбор на судиите не е добро решение, бидеќи со него ќе бидат опфатени квалитетни и чесни судии. Тоа според нив во моментот е неизводливо според постоечката законска регулатива, поради тоа тие сметаат дека е потребна интервенција во законите со воведување на механизми за поголема контрола.
Сашо Нелоски
