Македонија- домаќин на конференцијата на началниците на Генералштабовите на земјите од Јадранската група

07.11.2017 12:58

В четврток Македонија е домаќин на конференцијата на началниците на Генералштабовите на земјите од Јадранската група. Покрај меѓуармиската соработка, обуката, вежбите и планирањето годинава за прв пат во фокусот и сајбер одбраната. Јадранската повелба, првично како А-3 под покровителство на САД беше формирана 2003-тата година. Шест години подоцна на Македонија, Хрватска и Албанија им се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора.

На конференцијата на началниците на Генералштабовите на армииите на земјите членки на А5-Јадранската повелба и САД, како највисок форум, ќе се разговара за проширување на меѓусебната соработка, како и за заложбите за целосна интеграција во НАТО. Соработка но, пред сѐ и солидарност. Ова се очекува да го потенцира началникот на генералштабот на Македонската армија, генерал потполковник Величковски пред неговите колеги од регионот.

На конференцијата се очекува присуство на над 20 генерали, а обраќање ќе има и претседателот и врховен командант на оружените сили Ѓорге Иванов. Македонија е копретседавач заедно со командата на копнените сили на САД во Европа.

Американската делегација ќе ја предводи заменик – командантот на силите за Европа. Началниците на генералштабовите на армиите на Македонија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и на Црна Гора, на редовните конференции разговараат за регионалната безбедност и разузнавањето, за заедничките вежби и обуки, за логистиката. Годинава за првпат во фокусот ќе бидат комуникациите и информатичките системи, односно справувањето со сајбер заканите.

Јадранската група првично, како неформална е создадена 2002-та, по предлог на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, а прифатена на самитот на Алијансата во Прага. Една година подоцна под покровителство на САД, со проширување на соработката и во одбраната, повелбата ја потпишаа Македонија, Хрватска и Албанија. А3 групата опстојуваше се до 2008-та, кога се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во 2008-та година на Самитот на НАТО во Букурешт нови членки на Алијансата станаа Хрватска и Албанија.

Иако, Меѓународната заедница призна дека Македонија ги исполни условите за членство, единствена пречка е ветото од соседна Грција. Црна Гора стана 29-та членка на НАТО во почекотот на јуни годинава. Таа ќе биде и домаќин на следната конференција на началниците на генералштабовите на армиите на земјите од А5 – групата.

 

Милчо Велески