Потребен е посериозен пристап во борбата против перењето пари
Македонија треба да заземе посериозен пристап во борбата против перењето пари и сите активни чинители да застанат во борбата против финансискиот криминал, заклучок од првата конференција за спречување на перење пари и финансиски тероризам. Според министерот Спасовски, институциите треба и мора со соодветен интензитет да ја унапредат својата подготвеност за ефикасно справување со предизвиците.

Политичари и бизнисмени вмешани во случаи со перење пари. Ова го тврди првиот човек на управата за Финансиска полиција кој открива дека веќе се водат предистражни постапки. Земјава треба да заземе посериозен пристап во борбата против финансискиот криминал, заклучок од конференцијата организирана од Академијата на банкарство и информатичка технологија.
„Има активни случаи на кои се работи интензивно во Финансиската полиција, верувам дека и во најкраток рок јавноста ќе биде известена за тоа. Во тек е предистражна постапка, па кога ќе заврши истрагата ќе бидете известени“, изјави директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
Според обвинителката на СЈО, Ленче Ристовска, потребно е системско решение. Само доколку сите засегнати институции работат заедно, финансискиот криминал ќе се сузбие навреме, вели Ристоска.
„Мислам дека е потребна инклузивност на сите чинители во општеството од овој сегмент, и сметам дека е потребен еден голем интердисциплинарен пристап, така што секој со најдобрите практики од својата област може да придонесе кон изнаоѓање на најсоодветните решенијка“, изјави обвинителката Ленче Ристоска.
Проблемот со перење на парите е еден од основните сегменти при финансирањето на терористичките организации. За поефикасна борба со овој криминал институциите мора да ја унапредат подготвеноста, оцени министерот за внатрешни Спасовски.
„Институциите задолжени за спроведување на законот треба и мора со соодветен интензитет да ја унапредуваат и прилагодуваат својата подготвеност за ефикасно спротивставување кон предизвиците што ги носи феноменот на перење пари. Особено во делот на квалитетно кадровско екипирање и нормативна поставеност и опсег“, нагласи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
На првата меѓународната конференција за спречување на перење пари и финансиски тероризам во земјава, учествуваа израелски експерти.
Викторија Милевска
