Безбедност

Македонија се соочува со зголемена опасност од тероризам

07.11.2017 16:44

Западниот Балкан се соочува со зголема опасност од тероризам и насилен екстремизам. Македонија не е имуна, изјави премиерот Зоран Заев на конференцијата во Скопје, посветена на борбата против странските борци. Тероризмот е глобална закана, и затоа е потребна глобална борба против него, е заклучокот од конференцијата со меѓународни експерти за антитероризам организирана од ОБСЕ и Американската амбасада.

Западниот Балкан е главен пат за странските борци, што ја зголеми и опасноста од терористички напади во регионот. 150 македонски државјани се бореле на страната на Исламската држава и се враќаат дома. Македонија се соочува со зголемена закана по безбедноста.

„Ниту една држава не може сама да одговори на овие закани, па потребна е соработка со САД, ЕУ и соседите“- нагласи премиерот Зоран Заев.

„Македонија е стратешки партнер на САД. 25 години ја поддржуваме и ќе продолжиме така. Македонија беше и е силен верен партнер во борбата против терорзмот и насилниот екстремизам“, рече американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.

Засилена гранична безбедност и размена на информации, спречување на радикализацијата и судски пресуди за екстремистите, се дел од мерките што мора да ги усвојат државите од кадешто има странски борци.

„Зголемен број на странски борци се враќаат дома. Пентагон проценува дека 3.000 до 5.000 ќе се адаптираат во Европа и ќе преземаат напади, се зголемува заканата и од домашни екстремисти“, вели Ричард Просен, Стејт Департмент.

„Македонија не е имуна на предизвици од радикализам и насилен екстремизам, за што е потребен соодветен одговор“, вели Борче Петревски, национален координатор за справување со насилен екстремизам и борба против тероризам.

Приоритет е зајакнување на соработката меѓу институциите и меѓународните  организации, за ефикасна борба против терористичките закани.

 

Ирина Гелевска