Димитров- Дармановиќ: Забрзана интеграција во ЕУ

09.11.2017 12:16

Македонија и Црна Гора меѓусебно ќе си помагаат при евроатланските интеграции, заклучија шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Срѓан Дармановиќ во Скопје. Билатералните односи меѓу Македонија и Црна Гора треба да бидат пример за Балканот, иако постои можност за поголема економска соработка...

Македонија очекува забрзана интеграција во Европската унија, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров по средбата со својот црногорски колега во Скопје.  Претседателот на Европската комисија, Јункер најави дека Црна Гора и Србија ќе влезат во ЕУ до 2025-та, а претходно британски експерти оценија дека само Македонија е подготвена за членство во Унијата до 2023-та.

„Ќе направиме сѐ што можеме да ја убедиме Европската комисија и претседателот Јункер дека е многу важно во тој документ што ќе го објават во февруари да има простор Македонија да го надомести заостанатото. Тој натпревар што се заснова на реформски перформанси и на реформски постигнувања дома е многу здрав натпревар, како што беше здрав натпреварот во контекст на визната либерализација- јасни услови, исти критериуми за сите земји“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

„Изјавата на претседателот Јункер е охрабрување во смисла дека ЕУ нема да остане на 28 земји членки, а познато е дека кандидатите за членство се од нашиот регион. Сметаме дека во тој процес секоја земја треба да ги добие резултатите што ги заслужува“, изјави Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора.

Црна Гора и Македонија ќе си помагаат при евроатланските интеграции. Очекуваме Македонија по приемот на Црна Гора во НАТО, да стане 30-та земја членка на Алијансата, изјави Димитров.

Според него со грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас во Њујорк зборувале историчари и експерти да работат на ревизија на учебниците во двете држави, но не станало збор за формирање на Комисија како онаа меѓу Грција и Албанија.

 

Ирина Гелевска