Османи и Димитров во Брисел ќе реферираат за напредокот на Македонија
Османи и Димитров ќе имаат средба со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, како и со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан...
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров престојуваат во дводневна работна посета на Брисел каде ќе реферираат за напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите за европска интеграција.
Османи и Димитров ќе имаат средба со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, како и со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. На средбите ќе се разговара за новите можности на евроинтегративните процеси на Република Македонија, кредибилноста на процесот на проширување на Унијата, а ќе бидат отворени и темите за регионалните предизвици во контекст на соработката на земјите од Западен Балкан.
Вицепремиерот Османи ќе учествува и на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, организиран под покровителство на постојаните претставници на Шведска и Бугарија во ЕУ, каде заедно со министерот Димитров ќе реферираат за напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите за европска интеграција, како и за останатите активности во насока на европските амбиции на земјата.