Oсмани: Владата е целосно посветена на реформите
Османи и Димитров ја започнаа дводневната посета на Брисел со работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите- членки на Европската унија, каде реферираа за напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси...
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, задно со шефот на дипломатијата Никола Димитров, ја започнаа дводневната посета на Брисел со работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите- членки на Европската унија, каде реферираа за напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси.
Вицепремиерот Османи најнапред ги претстави резултатите и постигнувањата при имплементацијата на делот 3 од Планот 3-6-9 кој беше крунисан со одржувањето на фер, слободни и кредибилни избори, соопшти Секретаријатот за европски прашања.
„Фокусот на мерките и активностите од првиот дел од Планот - делот три, беше создавањето услови и одржувањето беспрекорни избори, нешто во што успеавме и што беше потврдено од страна на сите релевантни домашни и меѓународни организации кои ги следа изборите“, изјави Османи.
Османи реферираше и за подготовките и на останатите делови од Планот 3-6-9, каде ги потенцираше областите на кои се фокусирани најголемиот дел од реформите.
„По изборите, Владата повторно агресивно се посвети на реформите и дооформување на Планот 3-6-9, кој, во себе ќе ги содржи сите препораки и забелешки од релевантните извештаи и од нашите меѓународни пријатели, затоа што наша цел е, по неговата имплементација да не следи нов дел 12, туку отпочнување преговори“, изјави Османи на средбата
Османи и Димитров реферираа и за напредокот во затворањето и на политичките прашања. Тие информираа за текот на процесот околу Законот за употреба на јазици, за кој се очекува набрзо да биде изгласан во Собранието, но и за напредокот во добрососедските односи, потенцирајќи го договорот со Бугарија, како и напредокот во односите со Грција кои се движат во нагорна линија.
Во рамките на посетата, на агендата на Османи и Димитров се и средбите со Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, потоа, Потпретседателката и Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика Фредерика Могерини.
Османи ќе има и свое обраќање пред независниот тинк-тенк институт, Европски центар за политика (EPC), на тема, „Планот 3-6-9: понатамошно унапредување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ“, а на маргините на посетата ќе оствари средба и со Директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Геновева Руиз Калавера.