Тимоние: Согласност од сите партии за средба во Париз

13.11.2017 13:04

Ако не можат да се договорат, ќе се постави прашањето какво би било местото на Македонија во Унијата, смета францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.

Евентуалната средба на македонските политички партии во вилата на „Жан Моне“ во Париз треба да биде резултат на нивната подготвеност сите да присуствуваат и да работат заедно за да го изодат патот кон Европската унија. Ако не можат да се договорат, ќе се постави прашањето какво би било местото на Македонија во Унијата, смета францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.

„Треба пред се сите да бидат согласни да дојдат заедно во вилата во Париз, и на некој начин тоа е предуслов. Јас разбрав дека има принципиелни договори што се на некој начин постигнати. Меѓутоа, ако договорот меѓу партиите не може да се направи во Македонија, тогаш може да се состанат во Париз. За нас, пред се, тоа е работа на македонските партии, а ние ќе бидеме само добронамерни домаќини“, изјави Тимоние.

Во секој случај, додава Тимоние, партиите треба на сосема конкретен начин да најдат можност да работат заедно со цел да го изодат патот кон Европската унија.