Случај „Труст“: Почна главната расправа, СЈО ѝ ги достави доказите на одбраната
Специјалниот обвинител Артан Ајро во актовка им ги донесе во судница доказите на одбраната. Адвокатите пак бараа од судот да закаже посебно рочиште на кое ќе можат да ги оспорат доказите, бидејќи според нив, голем дел не докажувале ништо...

Во Кривичниот суд рочиште за случајот „Труст“ во кој се обвинети бизнисменот Сеад Кочан и уште две лица. Се товарат за фалсификување документација за добивање тендер од ЕЛЕМ во 2011-та година.
Специјалниот обвинител Артан Ајро во актовка им ги донесе во судница доказите на одбраната. Адвокатите пак бараа од судот да закаже посебно рочиште на кое ќе можат да ги оспорат доказите, бидејќи според нив, голем дел не докажувале ништо и не биле поврзани со обвинението. Судијката не дозволи повторно одложување на судското рочиште.
Одбраната, претходно се пожали дека не им се дадени сите докази на увид, поради што и беше одложено рочиштето на седми ноември.
Во „Труст“ се обвинети и три компании дека доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.
