Криза во Зимбабве, САД бараат дијалог

15.11.2017 15:10

Војската на Зимбабве ја презема контролата на државата. Главна цел на операцијата се криминалците кои предизвикаа социјално и економско страдање на народот, тврдат воените претставници. Претседателот Мугабе и првата дама се во домашен притвор. Граѓаните во неизвеснот и страв поради најновите случувања. Соединетите Американски Држави бараат дијалог меѓу партиите...

Пукотници, детонации и тенкови низ улиците во Хараре. Војскатa ја презеде власта. Претседателот Роберт Мугабе и првата дама се во домашен притвор, зазедено и седиштето на државна телевизија. Војската ги отфрла тврдењата за воен удар, велат операцијата е насочена кон криминалците.

„Претседателот и неговото семејство се безбедни, ја гарантираме нивната сигурност. Целиме исклучиво кон криминалците околу него кои создадоа социјална и економска криза. Кога ќе ја завршиме мисијата, очекуваме да се нормализира ситуацијата“, изјави Сибусисо Мојо, генерал мајор.

Граѓаните на Хараре подигнуваат средства од банките.

Бевме задоволни со состојбата, се навикнавме. Најновите случувања може да влијаат врз нашите животи и не сум сигурен што ќе ни донесат. Досега бевме под заштита на владејачката партија.

Се надевам само дека ќе имаме мир. Не сакаме да ни се наруши секојдневната рутина. Сакаме да живееме“, велат жителите на главниот град.

Воената интервенција следува откако Мугабе го отпушти потпретседателот Емерсон Мнангава, обвинувајќи го за нелојалност, непочитување и за измама. Потегот се толкува како обид да ги зголеми шансите првата дама да дојде на власт. Неговата партија го номинираше за изборите идната година, но загриженоста кај соработниците се зголеми откако поради влошената здравствена состојба, Мугабе мораше да патува неколкупати во Сингапур за медицински прегледи. 

Главните играчи, Емерсон и Грејс се искусни политичари. Емерсон е познат како „крокодилот“ поради издржливоста и снаодливоста во светот на политиката. Првата дама и втората сопруга на Мугабе ја сметаат за итра и екстравагантна политичарка. На шега ја нарекуваат „Гучи Грејс“ поради луксузниот животен стил во земјата која во континуитет се бори со сиромаштија.

Најстариот претседател на светот, 93-годишниот Роберт Мугабе е на чело на Зимбабве над 40 години, првин како премиер, а потоа и како претседател.  Кариерата ја почна со позитивна репутација, но неговото владеење постепено преминуваше во авторитарен режим, па меѓународните институции го сменија тонот кон челникот на јужноафриканската држава.

 

Маја Филдишев