Грција: Тридневна жалост поради жртвите во поплавите

16.11.2017 12:21

Тридневна жалост во Грција поради загинатите во поплавите. Европската комисија нуди помош. Премиерот Ципрас најави и финансиска поддршка за домаќинствата и претпријатијата кои претрпеа штета. Метеоролозите најавуваат ново невреме...

Во Грција тридневна жалост за жртвите од поплавите. Европската комисија нуди помош за справување со катастрофата. Најпогодена е западна Атика каде што загинаа 15 луѓе. Граѓаните го опишуваат невремето како „библиско“.

„Се надеваме дека бројот на загинати нема да се зголемува. Водиме координирана потрага по исчезнати, спасувачки операции, и го расчистуваме теренот. Преземени се сите неопхнодни мерки“- изјави премиерот на Грција, Алексис Ципрас.

Ципрас најави и финансиска поддршка за домаќинствата и претпријатијата кои претрпеа штета.

Дел од настраданите ги загубиле животите во своите домови, додека пак други водата ги однела додека биле надвор или во своите автомобили. Најмалку 12 лица се хоспитализирани, а едно лице се води како исчезнато.

Многумина останаа без покрив над глава, откако водената стихија поплави два крајбрежни града. Некои луѓе морале да се искачат на покривите од куќите додека водата носела автомобили, уривајќи ѕидови на куќи.

На терен се испратени околу 200 пожарникари, а противпожарната служба сооопшти дека примила над 600 повици за помош. Во најпогодените области е прогласена вонредна состојба.

Метеоролозите предупредија од нова бура и невреме.

Марина Ристова