Состанок во Боцвана за политичката криза во Зимбабве

16.11.2017 15:32

Заедницата за развој на Јужна Африка на вонреден состанок во Боцвана расправа за политичката криза во соседно Зимбабве. Војската ја презеде контролата врз државата. Идната улога на претседателот Мугабе е неизвесна.

Јужноафриканските лидери инсистираат да се најде мирно решение за политичката криза во Зимбабве. Претседателот Роберт Мугабе и првата дама се во домашен притвор откако почна воената акција за преземање на државата. Причина за кризата е разрешувањето на потпретседателот Емерсон Мнангагва,  кој е ривал на правата дама Грејс во трката за наследник на Мугабе. 

Првата дама придонесе за ова, и тоа многу. Собирите на младите луѓе требаше да се фокусираат на проблемите со кои се соочува младината. Но, не е така. Првата дама зборуваше за своите политички проблеми, а со тоа и за проблемите на претседателот. Се напаѓаше и потценуваше војската“, изјави Ник Мангвана, претсавник од ЗАНУ-ПФ во Британија.

Армијата на Зимбабве ја презеде власта, нагласувајќи дека се пресметува со криминалците кои го опкружуваат Мугабе, кој е на власт откако земјата прогласи независност во 1980 година.

Според западните медиуми,  католички свештеник посредува за потенцијален политички излез за Мугабе, кој пак, тврди дека ќе биде сменет само со партиско гласање..

Во меѓувреме, во Хараре се врати Морган Цвангираи, опозициски лидер, кој беше на лекување надвор од земјата со што се зголемија шпекулациите за политички договор за идниот претседател во државата.

 

Маја Филдишев