Се зголемува бројот на предвремено родени деца
Македонија денес води во светски рамки во бројката на предвремено родени бебиња. Според статистиката, едно од десет новороденчиња доаѓаат на свет пред 37-та гестациска недела. Има повеќе фактори за прематуритетот...

Била родена во седмиот месец, имала само еден килограм и 800 грама. До својата петта година, стекнувањето имунитет одело потешко. 32- годишната Елена имала среќа, како бебе родено во седмиот месец од бременоста, добро напредувала и им се приближувала на своите врсници.
„Во тоа време не било толку страшно предвремето раѓање како денес, можеби затоа што не биле толку информирани луѓето што може да се случи предвременото родените дечиња, но ете сум преживеала. Не сум била долго време во болница, не сум имала компликации, од самиот старт добро сум напредувала“, вели Елена Герасимова.
Денеска е мајка на два сина. Додека ги поминувала трудничките денови не ја обременувала мислата дали и таа ќе роди предвреме.
Македонија денес води во светски рамки во бројката на предвремено родени бебиња. Според статистиката, едно на десет бебиња се раѓаат пред 37-та гестациска недела, вели доктор Петковска. После предвременото раѓање на бебињата постојат определени ризици за нивното здравје и одржување во живот.
„Во група поризични новороденчиња се тие што се родени под 32-та гестациска недела, а најризични се екстремно малите бебенца, тешки под килограм и се под 28-ма гестациска недела. Тие имаат најмала шанса да преживеат и да се изборат со сите ризици“, изајви проф. д-р Елизабета Петковска, педијатар во Гинеколошко- акушерската клиника.
Медицинските лица упатуваат апел до идните мајки да внимаваат на уринарно вагиналните инфекции. Пушењето, нередовните контроли за време на бременоста, како и краткиот временски период меѓу две бремености може да доведе до прематуритет.
Андријана Атанасовска
