Сараево

Заев- Звиздиќ: Заедничка соработка за да се иницира авиолинија Сараево- Подгорица- Скопје

17.11.2017 19:38

Премиерот Заев, претседавачот со Советот на министри на БиХ, Звиздиќ и премиерот на Црна Гора, Марковиќ, ќе испратат заедничко писмо до сите авиокомпании, заинтересирани да воведат авиолинија Сараево- Подгорица- Скопје, како и дека иницијативата е отворена и за други земји, како што е Република Бугарија...

Премиерот Зоран Заев, во рамки на дводневната работна посета на Сараево, попладнето оствари средба со претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.

„Премиерот Заев донесе во Западен Балкан нова позитивна енергија“, оцени по средбата на делегациите од двете земји, на Македонија и БИХ, претседавачот Звиздиќ, кој потврди дека и тој ја прифаќа иницијативата на премиерот Заев за авиолинија на релација Сараево- Подгорица- Скопје, соопшти владината прес- служба.

На прес- конференцијата за новинарите беше соопштено дека премиерот на Македонија, Заев, претседавачот со Советот на министри на БиХ, Звиздиќ и премиерот на Црна Гора, Марковиќ, ќе испратат заедничко писмо до сите авиокомпании, заинтересирани да воведат авиолинија Сараево- Подгорица- Скопје, како и дека иницијативата е отворена и за други земји, како што е Република Бугарија.

„Ја користиме секоја можност да ја унапредиме соработката на секое можно ниво, како очекување на ЕУ, но и во корист на граѓаните на двете земји“, соопшти премиерот Заев.

Тој додаде дека станува збор за унапредување на можностите за економска соработка, во областа на трговијата и во областа на ИТ секторот.

Во таа насока е поканета БИХ да биде активно вклучена во ИТ самитот што го организира Република Македонија во Скопје на регионално ниво, со цел унапредување на дигиталната економија, трговските и сообраќајните врски. За ова беше изразен интерес за соработка од страна на претставниците на БИХ.

„Очекуваме целиот Западен Балкан да добие ЕУ перспективи“, соопшти премиерот Заев, кој рече дека при неговите средби со високите претставници од ЕУ, ќе се заложува за интеграција на сите држави од регионот во Унијата.

Претседавачот со Советот на министри на БиХ, Звиздиќ, соопшти дека Македонија и БиХ заедно ќе настапуваат и во регионалната соработка и пред ЕУ.

На работната средба беше оценето дека соработката меѓу двете држави е добра и оди во нагорна линија, дека ќе се продлабочува на политичко и економско ниво, посебно со отворање добри услови за домашните и странските инвеститори во земјите, дека двете држави имаат исти цели, подигнување на животниот стандард на граѓаните, сочувување на мирот и стабилноста во државите и во регионот, и интеграции во ЕУ и НАТО.

Со премиерот Зоран Заев во Сараево се и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.