Србија

Реакции на пресудата за Ратко Младиќ

22.11.2017 15:32

„Не треба ниту да кукаме ниту да плачеме над сопствената судбина туку да работиме за иднината и да создадеме општество со кое ќе се гордееме“, српскиот претседател Вучиќ за пресудата за Младиќ. За радикалите, командантот е херој за кој треба да се учи во училиштата...

Судењето и пресудата на Ратко Младиќ во Србија се следеше со големо внимание, реакциите се различни, а се огласи и српскиот претседател Алксандар Вучиќ кој изјави дека пресудата е очекувана.

„Денес не треба ниту да кукаме, ниту да плачеме над сопствената судбина. Туку треба да работиме за иднината и да создадеме општество со кое ќе се гордееме, земја во која никој нема да се чуствува загрозен, да создадеме екомски просперитет и воените ужаси никогаш повеќе да не ни се повторат“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

И премиерката Ана Брнабиќ имаше сличен став, Србија да гледа во иднината, за да изгради стабилна држава.

Синот на Ратко Младиќ, Дарко изјави дека со пресудата се веруфикувала воената пропаганда и побара на генералот да му се спаси животот и да му се обезбеди лечење во Србија.

Српската Влада без разлика на пресудата и понатаму дава гаранции за пуштање на Младиќ на слобода заради лечење- изјави министарката за правда, Нела Кубуровиќ.

Реакциите на политичарите се различни. За радикалот Шешељ, пресудата е политичка и вперена против српскиот народ, додека за лидерот на десничарската Двери, Бошко Обрадовоќ, Младиќ е херој, за кој треба да се учи во училиштата.

Драган Марковиќ- Палма, пратеник од владината коалиција, изјави дека ова е најголемиот срам во светската историја, бидејќи Младиќ бил брана против создавање на Исламската држава во Европа.

Спротивно на бројните вакви коментари, опозиционерот и поранешен српски премиер Зоран Живковиќ, оцени дека пресудата е нормална и очекувана, но дека е лошо што виновниците за настаните од 90-тите дури сега се казнуваат.

И од партиите на Вук Драшковиќ и на Ненад Чанак укажаат дека пресудата на една личност не треба да се толкува како пресуда против српкиот народ и Србија.

Движењето „Жени во црно“ оценија дека по децении бегање и опструкции, жртвите на злостортвата и фамилиите конечно ја дочекаа правдата.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ