Меѓувладина седница

Македонија- Бугарија: Потпишани девет договори, поддршка за евро- атлантските аспирации

23.11.2017 16:28

Посета на Водочкиот манастир, заедничка владина седница во Струмица. Премиерите на Македонија и на Бугарија, Заев и Борисов ја продлабочуваат соработката меѓу двете земји. Потпишани девет договори. Добиена поддршка за нашите евроатлантски аспирации, ветување дека Коридорот 8 ќе излезе од ќор-сокакот. За црквите охрабрување да најдат решение во духот на добрососедството...

Деветте договори кои што ги потпишаа претставниците на македонската и владата на Бугарија, се потврда дека се унапредува Договорот за добрососедство. Се интензивира соработката во полето на дипломатијата, одбраната, енергетиката, инфраструктурата.

Најдоцна за шест месеци, корисниците на мобилни телефони ќе плаќаат и пониски суми за роаминг. Премиерот Заев задоволен од првата меѓувладина седница. Ја оцени како пример за градење пријателство меѓу држави кои искрено се поддржуваат.

„Република Бугарија е подготвена да испрати во Република Македонија експерти од различни области, за споделување на своите искуства и експертизи, со цел зголемување на административниот капацитет на државните службеници во сферата на европските прашања“, изјави премиерот Заев.

„Сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, потоа и австриското, и романското и хрватското, за две години темата Западен Балкан не само да добие внимание од сите наши колеги во Европа, но и реално да се придвижи нанапред.“, изјави бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Изутрината двајцата премиери имаа тет- а- тет средба во Водочкиот манастир. Добија медал од Владиката Наум, во знак на охрабрување соработката да продолжи. Согласни се дека нема да се мешаат во актуелното прашање меѓу двете цркви.

„Како Влади и како политичари го почитуваме секуларниот карактер и не сакаме воопшто да се мешаме во работата и соработката на двете цркви, но можеме секогаш да охрабруваме да го следат духот на Договорот за добрососедството и пријателството, верувајќи дека таа соработка ќе биде се позначајна, а се надевам, лично јас дека ќе дојде до меѓусебно признавање, бидејќи за нас како МПЦ-ОА афтокефалноста е многу важна“, нагласи премиерот Заев.

Фокусот на идната соработка е насочен кон Коридорот 8 за што е најавена средба на балканските лидери со претставници на инвестициските банки, со цел да се обезбеди загарантирано финансирање на изградбата на патиштата.

„Ние сме готови со проектите и знаеме колку тоа ќе не чини. Така, на шести и седми, со колегите кои ќе дојдат ќе ги стиснеме рацете, кој има потреба да користи средства од банките, да видиме и што би дала Европската комисија, така на шести и седми декември веќе ќе сме еден чекор понапред“, нагласи премиерот Борисов.

Премиерите заклучија дека нивните агенди се ориентирани кон иднинат, а историските прашања им ги препуштаат на научниците.

Ова е прва меѓувладина седница што ја одржува премиерот Заев со Влада од соседството. Веќе за наредниот месец е закажана меѓувладина седница со соседна Албанија, а за првото тримесечје од наредната година, и со соседна Србија.

Анита Димитријевска, специјален известувач од Струмица за МРТ